Туристите во Париз се сликаат покрај купишта ѓубре поради штрајкот на ѓубреџиите

Преполни контејнери во Париз

Во Париз, светската туристичка дестинација која лани ја посетија над 34 милиони туристи, посетителите во изминатите денови се сликаат покрај купишта ѓубре настанати поради штрајкот на ѓубреџиите, како дел од протестот поради непопуларната реформа на пензискиот систем.

Туристите кои сакаат да ја видат Ајфеловата кула од плоштадот Трокадеро, по излегувањето од метрото здогледуваат „ѕид“ од натрупано ѓубре, а на брегот на Сена купишта ѓубре го блокираат погледот кон катедралата Нотр-Дам.

Купишта ѓубре на улиците се прават покрај одамна преполнетите контејнери.
Една Канаѓанка во посета на Париз, после фотографирањето со вреќи ѓубре во латинскиот кварт во Париз, за новинската агенција Франс прес изјави дека тоа ќе ги избрка туристите кои веќе нема да сакаат да се вратат.

Видете и ова: Десетици илјади луѓе на протестот против пензиската реформа во Франција

Еден млад Американец рече дека градот смрди, додека една Мексиканка изјави дека се чувствува непријатно што среде ѓубре го гледа зданието на Париската опера.

Германка, која дошла во посета на својот партнер Французин, рече дека патот по улиците до неговиот стан се „слалом“ со прескокнување и заобиколување на вреќи ѓубре.

Синдикатите, како и опозициските партии, левицата и екстремната десница, го отфрлаат владиниот предлог во пензија да се оди на 64, наместо на 62 години. Имаше низа протести против предлогот на кои излегуваа стотици илјади луѓе ширум земјата.