Путин – Опстанокот на Русија зависи од војната во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека постоењето на Русија како држава зависи од војната во Украина.

Во говор пред работниците во фабрика за авиони, Путин повтори дека Западот сака да ја уништи Русија.

Тој претходно го обвини Западот дека ја користи Украина како средство за нанесување „стратешки пораз“ на Русија, пренесува Ројтерс.

„За нас тоа не е геополитичка задача, туку задача за опстанокот на руската државност, создавање услови за иден развој на земјата и на нашите деца“, рече Путин.

Видете и ова: „Нема тело, нема пари“: Смртта на платеници на Вагнер сокриена од семејствата во Русија

Тој тврди дека руската економија зајакнала по воведувањето на санкциите.

Путин го поздрави она што го нарече новооткриен „економски суверенитет“ и рече дека руските финансиски системи се во подобра положба и покрај очекувањата на Западот дека ќе се урнат.

„Се покажа, за многу од нас, а уште повеќе за западните земји, дека темелите на стабилноста на Русија се многу посилни отколку што кој било мислеше“, порача Путин пред работниците во погонот за производство на хеликоптери.

„Повеќекратно го зголемивме својот економски суверенитет. Впрочем, на што сметаше нашиот непријател? Дека ќе се урнеме за две до три недели или за еден месец“, рече тој.

Неговите коментари доаѓаат по пишувањата на Блумберг дека Русија минатата година складирала 80 милијарди долари имот во странство и покрај санкциите.

Офшор богатството е распоредено меѓу готовина, недвижности и странски вложувања, што претставува околу една третина од профитот кој Русија го заработи со својот извоз.

Оваа „сламка за спас“ би можела да стане нова мета на западните санкции против Русија, извести Блумберг.