САД го охрабруваат кинескиот претседател да разговара со Зеленски

Кинескиот претседател Си Џинпинг

САД го охрабруваат кинескиот претседател Си Џинпинг директно да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопшти Белата куќа, по веста дека кинескиот лидер телефонски ќе разговара со својот украински колега.

„Го охрабруваме претседателот Си да му се обрати на претседателот Зеленски, бидејќи веруваме дека Кина и самиот Си треба директно да ја слушнат украинската перспектива, а не само руската страна за ова“, изјави американскиот советник за национална безбедност Џек Саливан.

„Ние, всушност, се залагавме кај Пекинг тој контакт да се оствари“, рече тој, додавајќи дека САД го охрабриле тој разговор јавно и приватно.

Видете и ова: „Нема тело, нема пари“: Смртта на платеници на Вагнер сокриена од семејствата во Русија

Саливан додаде дека американските власти „разговарале со своите украински колеги“ и оти Украинците не добиле официјална потврда дека ќе има телефонски повик или видео конференција со Си.

„Се надеваме дека ќе има. Тоа би било добро бидејќи потенцијално би донело поголема рамнотежа и перспектива за тоа како Кина пристапува кон ова прашање“, рече Саливан.

Тој изрази надеж дека тоа ќе продолжи да ја одвраќа Кина да одлучи да обезбеди помош за Русија.

Русија пред повеќе од една година започна воена инвазија врз Украина. Речиси целиот Запад ја осуди инвазијата и му помага на Киев да се одбрани.