Нови протести во Грција поради железничката несреќа

Pротести во Атина и Солун поради железничката несреќа во која загинаа 57 лица

Илјадници луѓе повторно излегоа на протести во Атина и Солун поради железничката несреќа во која загинаа 57 лица, барајќи казни за одговорните.

Грчката полиција соопшти дека повеќе од 8.000 луѓе во Атина се собрале пред Парламентот и марширале до зградата на железничкиот оператор Хеленик Трејн.
Во Солун, вториот по големина град во Грција, околу 5.000 демонстранти извикуваа „Ние ќе бидеме гласот на мртвите!“. Панихида се одржа и за 12 студенти на Аристотелскиот универзитет во Солун кои загинаа во железничката несреќа.

Денешните демонстрации, кои поминаа без посериозен инцидент, беа помали од почетокот на неделава, кога во Атина излегоа над 30.000, а во Солун над 20.000 луѓе.

Видете и ова: Кривична пријава за уште три луѓе за железничката несреќа во Грција

Железничката несреќа во Грција се случи на 28 февруари, кога ноќниот патнички воз Атина-Солун директно се судри со товарен воз кој по грешка сообраќал на истата пруга во спротивна насока.

Додека се утврдува одговорноста на сите во синџирот за управување со железничкиот сообраќај, новоименуваниот началник на железничката станица кој беше на должност таа вечер е обвинет за убиство од небрежност и други кривични дела, а министерот за транспорт и високите железнички функционери поднесоа оставки по несреќата.