Францускиот Сенат ја усвои пензиската реформа на Макрон

Протести во Франција против пензиската реформа на Макрон

Францускиот Сенат синоќа го усвои планот за пензиските реформи на претседателот Емануел Макрон, со 195 гласа „за“ и 112 „против“. Клучната одредба од овој предлог-закон е зголемување на старосната граница за пензионирање за две години, односно на 64 години.

Горниот дом на францускиот парламент гласаше за текстот седум дена откако почнаат националните протести против предлогот. Мнозинството граѓани се против предложената реформа, покажуваат анкетите на јавното мислење.

Откако Сенатот ќе го усвои предлог-законот, тој ќе биде разгледан од мешовитата комисија од претставници на долниот и горниот дом на парламентот, најверојатно во среда, на 15 март. Доколку комисијата го одобри, конечното гласање во двата дома најверојатно ќе се одржи во четврток, но исходот од гласањето останува неизвесен во долниот дом, Националното собрание, каде на партијата на Макрон и се потребни гласовите на сојузниците за мнозинство.

Видете и ова: Французите продолжуваат со протестите против пензиската реформа

Плановите за пензиските реформи предизвикаа силни протести низ Франција.

Француската влада смета дека луѓето мора да работат две години подолго, за да се одржи пензискиот систем, а тврди и дека реформата ќе овозможи бруто заштеда од над 17 милијарди евра годишно до 2030 година. Од друга страна, синдикатите и останатите противници сметаат дека пари може да се најдат на друго место, особено од богатите, а на работниците им е потребна заштита. Во среда се најавени нови штрајкови и протести низ целата земја.