Петровска: Веќе разговараме со која НАТО членка ќе соработуваме за хибридните закани

Славјанка Петровска, министерка за одбрана на РСМ (десно) и американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер (лево)

НАТО веќе ја скенира состојбата со капацитетите на домашните институции кои се вклучени во борбата против хибридните закани, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска, одговарајќи на новинарско прашање по денешната посета на армискиот полигон „Криволак“ со амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер.

„Пред неколку дена имавме средба со претставник на НАТО Алијансата кој дојде тука за да ја скенира ситуацијата и состојбата со капацитетите на институциите кои се вклучени во оваа борба и како што и во мојата прва изјава наменета за оваа вежба кажав дека сојузниците се тука да си даваат поддршка и да си помагаат меѓу себе, веќе се разговара и со која од земјите членки на Алијансата ќе развиеме подетална билатерална соработка токму за адресирање на ова прашање, изјави Петровска.

Петровска посочи дека институциите, вклучително и Министерството за одбрана, ги преземаат сите активности за решавање на проблемот.

Видете и ова: Ковачевски и претставник на НАТО разговарале за хибридните закани

Во Македонија со месеци има лажни дојави за бомби во училишта и други јавни објекти, а учениците губат часови додека да се направат безбедносни проверки.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски деновиве изјави дека полицијата има одредени сознанија за луѓе што испраќале лажни закани за бомби од македонска територија, а во последните неколку дена генерално тие што доаѓаат со ВПН (Виртуелна приватна мрежа) од надвор биле од Иран и Русија.

Од крајот на 2022 година се случија и сајбер напади врз интернет страници на државните институции, последно врз Фондот за здравствено осигуривање, а претходно и врз Владата и министерствата за земјоделство и за образование и наука, од каде беа украдени податоци, а во некои од случаите напаѓачите за нив бараа откуп во крипто валути.