Украинските бранители го одбија новиот бран руски напади во Бахмут, во кој повеќемесечната битка за контрола на источниот град зема голем данок на двете страни. Руските сили извршија 102 напади во и околу Бахмут во обид да го опколат градот, објави Генералштабот на вооружените сили на 10 март.
Жестоки борби се во тек и во другите делови на регионот Донецк, со фокус на градовите Лиман, Авдијивка и Шахтарск, соопшти армијата. Во Рубижни, во соседниот регион Луганск, украинската војска соопшти дека руските сили користат цивили како жив штит.
„Непријателот сместува персонал во станбени квартови, криејќи се зад цивилното население. Припадниците на окупаторските сили се сместени на првиот и вториот кат, а цивилите се оставени да останат горе“, соопшти Генералштабот.
Последните борби уследија по бранот руски напади низ Украина во кои загинаа најмалку девет цивили и во која беше оштетена енергетската инфраструктура, поради што украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ја обвини Русија за тероризирање цивили.
Видете и ова: Русија започна нов бран на напади ширум УкраинаРусија пак соопшти дека нападите врз украински цивилни цели, први од ваков вид од средината на февруари, се „масовен одмазднички напад“ како одговор на, како што вели Кремљ, „терористичкиот напад“ организиран од Украинците во руската област Брјанск, минатата недела.
Киев негираше каква било вмешаност во нападот, велејќи дека Москва можеби бара изговор за операциите со „лажно знаме“ и на тој начин организира нови напади врз Украина.
„Окупаторите можат само да тероризираат цивили. Тоа е сè што можат да направат. Но, тоа нема да им помогне. Тие нема да ја избегнат одговорноста за се што направија“, рече Зеленски по нападите, кои исто така предизвикаа повеќекратни прекини на струја низ целата земја.
Русија негираше дека таргетирала цивили и покрај многуте докази за спротивното. Нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, привремено беше исклучена од електричната мрежа на земјата.
Украинскиот електроенергетски оператор Укренерхо во четвртокот доцна попладне објави дека напојувањето е вратено.