Неопходно е Србија, која е на европскиот пат, да се усогласи со политиката на Европската унија (ЕУ) во однос на санкциите кон Русија, изјави денеска американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил.
„Јас никогаш нема да го употребам зборот Србија „мора“, туку тоа што го велам е, имајќи предвид дека Србија е на европскиот пат и сите знаеме дека тоа е патот кон ЕУ и дека порано или подоцна ќе стигне таму, неопходно е да се усогласи со политиката на таа унија“, рече амбасадорот.
Хил пред новинарите во Белград рече дека, доколку Србија треба да проголта некое горчливо апче, најдобро е тоа веднаш да го направи.
„Со оглед на тоа што речиси сите земји во Европа сфатија дека на Русија не може да ѝ се дозволи да продолжи да прави работи како ова што му ги прави на својот сосед (Украина), очекуваме дека Србија, исто така, ќе се приклучи на заедницата на народи (ЕУ) кои тоа го разбраа на време“, рече тој.
Србија е единствената земја во регионот која не воведе санкции против Русија од почетокот на војната во Украина.
Европските претставници редовно го предупредуваат Белград дека од Србија, како земја кандидат за членство во ЕУ, се очекува постепено да ја усогласи надворешната политика со таа на Унијата.
Неусогласеноста со политиката на санкции против Русија е главна причина зошто Србија минатата година не отвори ниеден кластер во пристапните преговори.
Од почетокот на војната во Украина пред повеќе од една година, ЕУ воведе десет пакети санкции против Русија.