Шпагети и сирење по замрзнати цени

Ќе се замрзнат цените на тестенините и на одредени млечните производи, најави на 9 март министерот за економија Крешник Бектеши. Најавата доаѓа на една недела откако со владина одлука се замрзна цената на белиот и полубел леб на максимум 33 денари. Одуката за замрзнување на цените на тестенините и на млечните производи треба да се донесе утре, а да стапи на сила од следната недела.

Бектеши очекува цената на тестенините да се намали и за 10 проценти. Тој вели дека во делот на млечните производи се очекува замрзнување на цената на бело сирење, млеко, урда, односно истите производи кои беа опфатени и со владината одлука за ограничување на маржите.

Видете и ова: Замрзнати цени - кој добива, а кој губи?

Компаниите од прехранбената индустрија користеа владина мерка за субвенционирана струја, но Владата минатата недела ја укина мерката, со образложение дека дел од фирмите не ги намалиле цените на основните производи.

На меѓународниот пазар цените на храната се намалуваат веќе цела година, но тој тренд не го следат македонските производители.

Во јануари оваа година храната беше за 25 проценти повисока од истиот месец минатата година, според податоците на Државниот завод за статистика. Лебот и житата беа за 40 проценти поскапи, месото за скоро 30 проценти, а млечните производи и јајцата за 30 отсто.