Агелер - Во следните месеци ќе видиме „едно или две имиња“ на црната листа на САД

Американската амбасадорка Анџела Агелер.

Амбасадорката на САД Анџела Агелер на новинарско прашање за американската „црна листа“ денеска изјави дека тоа е процес што ќе продолжи и дека верува оти на неа во следните неколку месеци е можно да се најдат некои имиња.

„Постојат повеќе видови на санкции што САД ги воведуваат. Овие листи се многу динамични, бидејќи корупцијата во своите многу форми се случува секој ден. Тоа бара време и истражување, за да се осигуриме дека нема да ставиме некој на листа, на која не припаѓа. Верувам дека во следните неколку месеци ќе видиме едно или две имиња и тоа ќе биде процес што ќе продолжи, изјави американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, одговарајќи на новинарски прашања за американската „црна лица“, рече Агелер.

Видете и ова: САД го зголемуваат притисокот против корупцијата во Македонија и на Балканот

Американската амбасадорка изјавите ги даде по посетата на Истражниот центар при Основното јавно обвинителство Скопје, каде што Амбасадата на САД донираше компјутерска и техничка опрема.

Таа посочи дека нема една листа и дека постојат повеќе листи кои се прават и кои постојано ажурираат во Вашингтон.

Според Агелер, тоа е процес што не завршува и е нешто за што Амбасадата на САД е во постојан контакт со Вашингтон и дека ќе продолжи да работи секој ден.

„Постојат повеќе видови на санкции што САД ги воведуваат. Некои се финансиски, и може да бидат особено ефикасни, додека дел се поврзани со визи и други правни механизми, појасни Агелер.

Во Вашингтон, посочи Агелер, се разгледува сите можни форми и една личност може да се најде под повеќе категории на санкции.