Марш во Бишкек за еднакви права на жените

Во Бишкек веќе неколку години на 8 март се одржуваат претежно мирни маршеви со кои се бараат правата на жените.

Стотици активисти во Киргистан се собраа да бараат еднакви права на жените, додека го одбележуваат Меѓународниот ден на жената 8 март.

Демонстрантите, кои се собраа во близина на Палатата на спортот во центарот на главниот град Бишкек, денеска маршираа до споменикот на Уркија Салиева - фигура на женската еманципација во централноазиската земја.

Тие држеа плакати со слогани како „Слободна жена значи просперитетен Киргистан“, „Шефе, тргни ги рацете од моето тело“ и „Не ни требаат твоите цвеќиња, ни требаат права!“

Активистите побараа владата да воспостави национален акционен план за запирање на семејното насилство и киднапирањето на невести.

Видете и ова: Талибанскиот е најрепресивниот режим за жените во светот

Тие, исто така, бараат да се заострат казните за насилството врз жените, да се формираат специјални кризни центри спонзорирани од државата во секоја област во земјата и да се заостри легислативата која ќе обезбеди образовни и медицински услуги за сите девојки и жени.

Маршот го организираше групата Иницијатива на жени од Бишкек. Во главниот град на Киргистан веќе неколку години на 8 март се одржуваат претежно мирни маршеви со кои се бараат правата на жените.

Земјата беше сведок на неколку смртоносни случаи од висок профил на киднапирање невести и семејно насилство во последниве години.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека секоја година официјално се регистрираат над 10.000 случаи на семејно насилство врз жените.