Французите продолжуваат со протестите против пензиската реформа

Демонстрантите на протестите против планот за пензиски реформи на француската влада во Лион, Франција, 7 март 2023 година.

Возачите на метроа и возови, работниците во рафинериите за нафта, собирачите на ѓубре и другите работници во Франција кои се незадоволни од планот за пензиски реформи, денеска штрајкуваат низ целата земја.

Новите акции во рамки на протестите организирани на Меѓународниот ден на жената се насочени кон жените и влијанието на пензиската реформа врз мајките кои работат.

Феминистките тврдат дека пензиската реформа е неправедна кон жените, бидејќи дополнително ќе ги продлабочи родовите нееднаквости.

Француското Министерство за внатрешни работи соопшти доцна на 7 март дека 1,28 милиони луѓе протестирале на вчерашните национални протести против планот на претседателот Емануел Макрон да ја зголеми старосната граница за пензионирање на 64 години.

Видете и ова: Во Грција најавени големи протести поради железничката несреќа

Ова се шести протести откако беше најавена реформата за која во моментов расправа Горниот дом на францускиот парламент.

Предлогот беше разгледан прво во Долниот дом на парламентот со жестока дебата, но владата одбива да го измени или повлече својот план.

Синдикатите, дел од граѓаните и опозицијата се против поместување на старосната граница за пензионирање на 64 наместо на 62 години.

Од раните утрински часови на 8 март, железничкиот сообраќај и метрото во Париз се во застој, а управата на железницата најави дека очекува да сообраќа само еден брз воз од вкупно три.

Една петтина од летовите беа откажани на аеродромот во Париз Шарл де Гол, а околу една третина на аеродромот Орли.

Испораките на нафта во земјата беа прекинати втор ден по ред поради штрајкови во рафинериите на Тотал Енерџис и Есо Ексон Мобил.

На 8 март, париските градски санитарни работници исто така одлучија да го продолжат протестот додека работниците што штрајкуваат го блокираа пристапот до пристаништата во западните градови Руан и Авр.

Работничките синдикати повикаа на нови демонстрации низ земјата во сабота на 11 март.