Најмалку 15 загинати и над 100 повредени при експлозија во Бангладеш

Илустрација од спасувачки екипи во пожар на магацин го Бангладеш

Најмалку 15 луѓе загинаа, а над 100 се повредени на 7 март во Бангладеш по експлозија во деловна зграда во раздвижен трговски кварт. Причината за експлозијата засега е непозната, но фаталните пожари и експлозии во згради се вообичаени во Бангладеш, каде што грижата за безбедноста често е на ниско ниво. Експлозијата ги потресе четвртиот и петтиот кат на седумкатница во Гулистан, главен центар за трговија на големо во областа Дака.

Во експлозијата се уништени неколку ката од зградата и страничните ѕидови, што предизвика урнатини и фрагменти кои летаа на преполните улици.

„Повеќе од 100 луѓе се третирани во болница од рани на главата, скршеници и други повреди во Медицинскиот колеџ во Дака“, изјави за новинската агенција Франс прес директорот на болницата Назмул Ислам.

Тој додаде дека стотици лекари и медицински сестри се мобилизирани за да им служат на повредените.

Видете и ова: Најмалку 41 загинат во поплавите во Бангладеш и Индија, милиони останаа без дом

Над 150 пожарникари беа на местото на настанот за да помогнат во спасувачките напори, изјави портпаролот на противпожарната служба.

„Нашите полицајци истражуваат дали се работи за чин на саботажа или несреќа“, изјави полицискиот комесар Хандакер Голам Фарук за новинарите.

Возач на автобусот кој беше зафатен од експлозијата рече дека 30 од неговите патници биле повредени кога неговото возило поминало покрај зградата во моментот кога настанала експлозијата.

„Слушнав силна експлозија, а потоа ме погоди предмет во главата“, изјави тој за новинарите.

Во зградите и фабриките во Бангладеш често има експлозии и пожари поради плински боци, неисправни климатизери и лоши електрични инсталации.

Седум лица загинаа во експлозија во фабрика за кислород во близина на јужниот пристанишен град Читагонг во саботата. Претходно во пожар и последователни експлозии во складиште за контејнери во истиот град во јуни минатата година загинаа повеќе од 50 луѓе.