Зеленски-Повлекување од Бахмут не е опција

Илустрација, Украина Бахмут 5 март 2023 година

Русија ги засили нападите врз Бахмут во изминативе 24 часа, соопшти украинската војска на 7 март. Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе ја зајакне одбраната на опколениот град во источниот регион Донецк, велејќи дека тој и неговите воени команданти се согласиле дека повлекувањето не е опција.

Утрово во Украина беше прогласена тревога за воздушен напад, но немаше повеќе информации за руски напади.

„Во текот на последниот ден, украинските војници одбија повеќе од 140 непријателски напади“, се вели во дневниот извештај на Генералштабот на вооружените сили на Украина, додавајќи дека Бахмут повторно го сноси најголемиот товар на руската офанзива.

И покрај значителните загуби, соопшти Генералштабот, Русија продолжува да се обидува да го нападне Бахмут и неговата околина.

Зеленски во своето ноќно видео обраќање на 6 март изјави дека разговарал со командантите на безбедносните сили за продолжување на одбранбената операција и дополнително зајакнување на позициите во Бахмут.

Видете и ова: Татнежи поради Чајковски: Да се смени ли името на елитниот украински конзерваториум?

„Воената команда едногласно ја поддржа оваа позиција. Немаше други позиции. Му реков на командантот да ги најде силите потребни за поддршка на нашите момчиња во Бахмут“, изјави Зеленски.

„Ситуацијата во Бахмут и околу него е целосен пекол, како што е на целиот источен фронт“, изјави Володимир Назаренко, командант на украинските трупи во Бахмут

Институтот за проучување на војната со седиште во Вашингтон соопшти дека украинските одбранбени напори значително ги исцедиле руските воени ресурси, но дека силите на Киев наликува дека можеби спроведуваат „постепено борбено повлекување“ од некои позиции.