Притвор за шефот на железничката станица во Лариса по несреќата со 57 жртви

Два воза се судрија во близина на Лариса на 28 февруари 2023

По маратонскиот исказ даден пред истражен судија и обвинител, шефот на железничката станица во Лариса, доби мерка притвор за железничката несреќа.

Шефот на станицата беше уапсен веднаш по несреќата, што се случи во вторникот кусо пред полноќ кај месноста Темпи. Во судир на товарен и патнички воз животот го загубија 57 лица. Идентификацијата беше отежната затоа што по судирот, во еден од вагоните избил пожар.

Во форензичките лаборатории на грчката полиција, според медиумите, заврши процесот на идентификација на загинатите преку ДНК анализа и од 57 загинати, идентификувани се 55 лица.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, еден загинат сè уште не е идентификуван, бидејќи никој не го побарал и не постои ДНК примерок за анализа, додека пак една жена и понатаму ја бара нејзината ќерка која била во возот, но не постои никаква трага од неа.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Железничка несреќа во Грција, најмалку 36 лица настрадале

Паралелно, продолжува штрајкот на вработените во железницата, што започна веднаш по несреќата и Грција веќе шести ден е без возови. Во меѓувреме има и протести на граѓаните и синдикатите, на кои имаше и судири со полицијата.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој веднаш по несреќата рече дека судирот на двата воза веројатно се должи на човечка грешка, вчера, преку Фејсбук им се извини на роднините на загинатите.

Тој додаде дека не сакаат и не треба да се скријат зад човечка грешка, истакна дека правдата ќе ја истражи трагедијата, а надлежниот министер ќе соопшти мерки „за итно подобрување на безбедноста на железницата додека да биде ставен во функција системот за дигитална контрола“.