Британски пилоти за првпат заедно со германското воено воздухопловство ќе извршуваат мисии за воздухопловна полиција во Естонија, јави ДПА.
Ова е во рамки на подготовките на Велика Британија да го преземе од Германија раководството на мисиите на НАТО во Естонија.
Во првите досега „интегрирани“ мисии, кои британскиот министер за одбрана Бен Волас ги опиша како демонстрација на „единството“ во НАТО, ќе учествуваат борбени авиони „тајфун“ од британските и германските воздухопловни сили.
Видете и ова: НАТО и Русија, блиски средби во воздухотМинистерството за одбрана на Велика Британија соопшти дека околу 300 војници од британските воздухопловни сили наскоро ќе пристигнат во Естонија. Обединетото Кралство ќе го преземе водството на воздухопловната полициска мисија на НАТО на четири месеци, од април.
Волас рече дека британските сили во Естонија „преземаат витална улога во обезбедувањето на небото на Европа и зајакнувањето на присуството на НАТО во Источна Европа“.
Уште во 2014 година беше засилено присуството на НАТО во источните земји членки со четири борбени групи – во Полска, и во поранешните советски републики Естонија, Латвија и Литванија. По почетокот на руската инвазија врз Украина пред една година, НАТО формираше борбени групи и во Бугарија, Романија и Унгарија.