Кина годинава ќе одвои повеќе пари за воени трошоци

Претставници на воените власти во Кина, присуствуваат на отворањето на кинескиот Национален народен конгрес во Пекинг, 5 март 2023 година.

Кина ќе издвојува повеќе пари за воени трошоци, соопштија кинеските власти на 5 март, на отворањето на годишното заседание на Секинескиот народен конгрес.

Тие истовремено предупредија на „ескалација“ на заканите од странство.

Буџетот за одбрана на Кина, е втор во големина во светот, по буџетот на Соединетите Американски Држави. Воениот буџет на Кина годинава ќе биде повисок за 7,2 проценти.

Зголемувањето на буџет за одбрана дојде откако кинеските лидери рекоа дека ќе се стремат кон економски раст од околу пет проценти за следната година, што е еден од најниските во последните децении.

Пекинг планира да потроши 1.553,7 милијарди јуани (225 милијарди долари) за одбраната, што е и натаму околу три пати помалку од буџетот на Вашингтон.

Премиерот Ли Кеќијанг во Парламентот апелираше да се „интензивираат обуките на армијата и борбена готовност“, како и да се „спроведат иновации во стратешките насоки“.

Видете и ова: Шолц побара од Кина да не ѝ испраќа оружје на Украина

Од минатата година НАТО ја оценува Кина како „предизвик за интересите“ на земјите од Алијансата.

Кина истакнува дека нејзината војска е чисто „одбранбена“ и дека има само една воена база во странство, во Џибути, во споредба со неколку стотици американски воени бази.