Најмалку 21 лица, од кои 18 деца, се повредени вчера во несреќа на француските Алпи кога автобус со основци се превртел и низ падина паднал во поток.
Во автобусот се превезувале 40 основци, кои се враќале дома од патување на Алпите.
Возачот и совозачот се најтешко повредени, додека 18 деца и еден возрасен се здобиле со полесни повреди, изјави Фабиен Мулик, градоначалник на градот Корп, каде што се случила несреќата.
Регионалниот обвинител отвори истрага. Градоначалникот рече дека „најверојатното сценарио“ е дека возачот имал некаков здравствен проблем додека бил зад воланот.
Локалните власти за француските медиуми изјавија дека времето било ведро, а на местото каде што автобусот излетал нема мраз или снег. Тие соопштија дека сите деца носеле сигурносен појас.