Женски училишта во Иран се погодени од бран на болести. Според наводите, се разболеле ученички во најмалку 33 градови низ 17 ирански провинции на 4 март. Се појавија шпекулации за, како што некои тврдат, напади со штетен гас.
Информиран извор од основно училиште за девојки во градот Исламшахр, јужно од Техеран, изјави за Радио Фарда ( иранскиот сервис на Радио Слободна Европа) дека стравувањата од инцидентите доведоа огромно мнозинство од учениците таму да останат дома.
Само околу 10 од скоро 600 ученици присуствуваа на настава на 4 март, рече изворот.
Ваквата појава предизвика и протести кај родителите, кои својот револт го искажаа надвор од образовните објекти. Протести на 4 март имало во најмалку четири области на Техеран и во градовите Исфахан и Ардабил, објави Радио Фарда.
Пригушениот одговор на властите поттикна некои да ја обвинат владата за намерно „труење“ на учениците, кои беа во првите редови на неколкумесечните антивладини протести, најголемата закана за иранските власти од револуцијата во 1979 година.
Група на свештеници во шиитскиот свет град Ком, која е блиска до иранското реформистичко движење, во изјава од 4 март, обвини дека очигледните напади имале за цел „да создадат терор за да ги спречат девојчињата да учат“ и да „создадат атмосфера на паника и страв од јавноста“.
Без да наведува никакви докази, групата обвини дека зад „труењето“ стои екстремистичкото движење.
Здружението на наставници и истражувачи од семинаријата во Кум дополнително предупреди дека нападите врз ученичките само ќе го зголемат натрупаното незадоволство од власта. Граѓаните и така веќе се незадоволни од невработеноста, владината неефикасност и „кризата на легитимноста на системот“, вели здруѓението.
Видете и ова:
УНИЦЕФ нуди помош по масовното труење кај ученички во ИранЗдружението призна дека „сè уште не е утврдена“ одговорноста за наводните труења, но рече дека „контрадикторните и неконзистентни тврдења направени од некои официјални власти“ го влошуваат проблемот.
Тврдењата за болестите не можеа да се проверат независно.
Првиот извештај за сомнителна масовна болест дојде во Ком во ноември, кога 18 ученички беа однесени во болница откако се пожалија на симптоми кои вклучуваат гадење, главоболки, кашлање, тешкотии со дишењето, забрзано лупање на срцето и вкочанетост и болка во рацете или нозете.
Официјалните лица не беа во можност точно да ја утврдат причината за тоа, а не се утврди причината и во многу други последователни случаи кај ученичките.
Иран е опфатен со немири по смртта на 22-годишната Махса Амини на 16 септември додека беше во полициски притвор за наводно неправилно носење хиџаб или шамија на глава, со што го прекршила строгиот кодекс на облекување.