Рускиот министер за одбрана во „инспекција“ на фронтот во Украина

Архивска фотографија - Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу направи инспекција на првата линијата на фронтот во источна Украина, соопшти Министерството за одбран на 4 март.

„Инспекцијата“ доаѓа во време кога беснеат борбите околу источниот град Бахмут.

Министерството објави дека Шојгу „го прегледал командниот пункт на фронтот“, во областа на јужниот регион Донецк, без да прецизира точно место или време.

Исто така, објавија и видео на кое се гледа како Шојгу патува со хеликоптер, по што разговара со војник пред оштетени згради. Во продолжение е прикажано како одликува руски војници.

Русија е решена да го освои Бахмут, разурнат град некогаш познат по своето пенливо вино, како дел од нејзината цел да го освои целиот регион Донецк.

Но, и украинските и руските сили известуваат дека имаат големи жртви во битките околу градот, чие симболично значење е многу поголемо од военото.

Во петокот, Евгениј Пригожин, шефот на групата Вагнер, изјави дека тие „практично го опколиле“ Бахмут и дека моментално има само еден излез од градот.

Видете и ова: Руската Вагнер тврди дека Бахмут е речиси целосно опколен


Украина од претходно порачува дека ќе ја брани „Тврдината Бахмут“ колку што е можно повеќе, но оваа недела властите рекоа дека ситуацијата е тешка.

Генералштабот на вооружените сили на Украина во саботата соопшти дека претходниот ден во регионот на Донецк, одбиле повеќе од 150 напади на руски војници, во Бахмут, Лиман, Авдијивка и Шахтјарск.