Германија бара да купи тенкови од Швајцарија за да помогне на Украина

Украинската војска на тенкови леопард 2

Германија побара од Швајцарија да и продаде резервни тенкови Леопард 2, што ќе им овозможи на западните земји да ја зголемат воената помош за Украина, објавија швајцарската и германската влада денсека.

Германија сака Швајцарија да продаде дел од своите тенкови на германскиот производител на оружје „Рајнметал“, што ќе и овозможи на компанијата да ги пополни празнините во вооружувањето на членките на Европската унија и НАТО.

Германскиот министер за одбрана и министерот за економија ја информирале швајцарската министерка за одбрана Виола Амхерд за барањето во писмо од 23 февруари, потврдуваат за Ројтерс министерствата за одбрана во Берн и Берлин.

„Тенковите нема да и се продаваат на Украина. Гарантирано ќе останат во Германија или кај нашите партнери од НАТО и ЕУ, со цел да се пополнат празнините во вооружувањето, како резултат на испораката на тенковите Леопард 2 и да се подобри снабдувањето со резервни делови“, се вели во писмото.

Видете и ова: Шведска ќе ѝ достави 10 тенкови „Леопард 2“ на Украина

Швајцарската министерка за одбрана Виола Амхерд одговорила во писмо на 1 март дека евентуалната продажба на некои од швајцарските тенкови ќе бара од швајцарскиот парламент официјално да ги прогласи тенковите надвор од употреба.

Владата не соопшти колку тенкови Германија побарала да купи. Нема информации кога швајцарскиот парламент би можел да одлучи за ова прашање, иако владата соопшти дека ќе даде дополнителна изјава во понеделник, на 6 март. Според нејзините закони за неутралност и посебното ембарго за оружје, на Швајцарија и е забрането да испраќа оружје директно во Украина.

Германија, Полска, Португалија, Финска и Шведска се меѓу земјите што испраќаат тенкови за да и помогнат на Украина да се одбрани од руските напади, создавајќи празнини во сопствениот арсенал. Берн претходно ги одби барањата од Германија, Шпанија и Данска за извоз на претходно купена швајцарска муниција во Украина.