Пекарите денеска ќе го соопштат ставот, откако Владата ги обврза да испорачуваат леб по ограничена цена

Илустративна фотографија

Пекарите денеска ќе го соопштат својот став за синоќешната одлука на Владата со која ги обврзува пекарите да го произведуваат и да го дистрибуираат лебот со ограничена цена.

Од пекарската индустрија за МИА изјавиле дека денеска во Стопанската комора на прес конференција пекарите ќе ја соопштат нивната одлука.

Според владината одлука, „трговците на мало кои продаваат леб, имаат обврска во структурата на дневната набавка на сите видови леб, да имаат најмалку 80 отсто од лебот со замрзнатата цена“.

Видете и ова: Лебот „замрзнат“, компаниите без повластена струја

Денеска трет ден во дел од продавниците не се испорачува бел и полубел леб откако Владата ја донесе одлуката да се замрзне цената на 33 денари. Пекарите во понеделникот најавија дека нема да прават леб ако Владата ја замрзне цената.

Замрзнувањето на цената пак, како што објаснија премиерот Димитар Ковачевски и министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски, е неисполнувањето на договореното од страна на компаниите по испораката на субвенционираната струја, како и заштита на „џебот“ на граѓаните.

Државниот пазарен инспекторат веќе казни неколку фирми кои не ја почитувале одлуката. На овие фирми инспекторите им изрекле казни од над 300.000 денари.