Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) вчера и денеска извршил надзори и контроли во над 400 економски субјекти на ниво на цела држава при што утврдил дека генерално се почитува одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот од 450 грама на 33 денари.
„Досега од контролите е утврдено дека цената на лебот во зависност од грамажата и во зависност од различни градови каде се продава изнесува од 25 до 33 денари и дека се доставува леб кој е опфатен со одлуката“, информираат од ДПИ.
Оттаму нагласуваат дека Државниот инспекторат и понатаму ќе продолжи да врши контроли кои се однесуваат на почитување на замрзнатата цена на лебот.
„Потребно е сите да ги почитуваме одлуките на Владата, бидејќи примарна цел е сузбивање на профитерството во време на криза и залагање за солидарност, односно да се има разбирање и да им се излезе во пресрет на граѓаните. Како институција ќе ги ангажираме сите расположливи ресурси за тековно постапување и спроведување на законските регулативи од кои произлегуваат нашите надлежности“, велат од ДПИ.
Видете и ова:
Во дел маркети нема леб по замрзната ценаПазарниот инспекторат, покрај редовните контроли, постапува и по пријави доставени од граѓаните. Од оваа институција велат апелираат дека законите ќе важат исто за сите, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран.
Денеска втор ден во продавниците не се испорачува бел и полубел леб откако Владата завчера ја донесе одлуката да се замрзне цената на 33 денари. Причината за оваа мерка, како што објаснија премиерот Димитар Ковачевски и министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски, е неисполнувањето на договореното од страна на компаниите по испораката на субвенционираната струја, како и заштита на „џебот“ на граѓаните.