Русија „загрижена“ поради информациите за продажба на српско оружје на Украина

Марија Захарова

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија изјави дека информациите за српско оружје во арсеналот на украинската армија предизвикуваат „најдлабока загриженост“.

Некои руски медиуми претходно објавија дека 3 500 ракети од српската фабрика „Крушик“ биле доставени до вооружените сили на Украина преку Турција и Словачка.

Демант дојде и од „Крушик“ и од Министерството за одбрана на Србија.

На денешната прес конференција, Захарова ги коментираше овие наводи, велејќи дека Кремљ „внимателно ја следи оваа приказна“ и дека обрнал внимание на неодамнешната расправа во српскиот парламент на оваа тема.

„Информациите што пристигнуваат, се разбира, предизвикуваат најдлабока загриженост. Ова е премногу сериозно прашање, вклучително и од гледна точка на руско-српските односи, за да се реагира мериторно и сега, потребно е да се потпреме на фактите“, рече Захарова.

Видете и ова: САД и НАТО: Украина има итна потреба од повеќе оружје

Рускиот портал „Маш“ објави дека наводно до вооружените сили на Украина биле испорачани 3 500 парчиња ракети на Крушик „М-21 ГРАД“ од 122 мм.

Порталот објави документи чија автентичност не можеше да ја потврди Радио Слободна Европа, кои наводно покажуваат дека канадската компанија „ЈНЈ експорт импорт“ нарачувала ракети од „Крушик“.

Руските медиуми тврдат дека сандаците со ракети полетале од Србија до Турција, каде што како посредник со транзитот се занимавала турската компанија „Arca Savunma Sanayi Ticaret“, преку која пратката отишла во Словачка, а потоа во Украина.

Компанијата „Крушик“ од Ваљево на западот на Србија на 28 февруари соопшти дека на овој пазар нема продажба на ракети, ниту пак се склучени договори во наведените количини и ознаки.

Ова не е прва афера во која Србија е обвинета за продажба на оружје во руско-украинската војна. За украинскиот авион кој се урна на 16 јули 2021 година на северот на Грција, е утврдено дека превезувал мини за вежбање во Бангладеш, кои српската компанија „Валир“ ги купила од државната фабрика „Крушик“.

Србија и Русија со години одржуваат исклучително добри меѓудржавни односи. Србија е една од двете земји, кандидати за членство во Европската унија, кои не воведоа санкции кон Русија по агресијата врз Украина. Освен Србија, тоа не го направи ниту Турција.