Без консензус за Украина завршија разговорите на Г20

Состанокот на највисоките дипломати на Групата 20 заврши без консензус за војната во Украина, рече Субрамањам Џаишанкар, министерот за надворешни работи на Индија, а јазот меѓу членките се продлабочи. Во разговорите доминираа војната во Украина и потезите на Кина да го зголеми своето глобално влијание.

„Има „разлики“ по прашањето за војната во Украина кои не можевме да ги усогласиме бидејќи различните страни имаа различни ставови“, изјави Џаишанкар.

Тој додаде дека членките се согласиле за повеќето прашања што ги засегаат помалку развиените нации, „како што се зајакнување на мултилатерализмот, промовирање на безбедноста на храната и енергијата, климатските промени, родовите прашања и борбата против тероризмот“.

Домаќинот Индија ги повика сите членки на Групата 20 да постигнат консензус за прашањата што ги загрижуваат посиромашните земји, дури и ако не може да се реши поделбата Исток-Запад околу Украина.

Минатата недела, Индија беше принудена да објави компромисно резиме на крајот од состанокот на министрите за финансии на Г-20, откако Русија и Кина се спротивставија на заедничката изјава која го задржа јазикот за војната во Украина од минатогодишниот самит на лидерите на Г-20 во Индонезија.

Во видео обраќањето до министрите за надворешни работи собрани во Њу Делхи, индискиот премиер Нарендра Моди ги повика членовите да не дозволат сегашните тензии да ги уништат договорите што може да се постигнат, а се однесуваат на безбедноста на храната и енергијата, климатските промени и долгот.

„Не треба да дозволиме прашањата што не можеме да ги решиме заедно да застанат на патот на оние што можеме“, рече Моди.

Видете и ова: Кратка средба Блинкен-Лавров на самитот на Г20

Наведувајќи ги стравувањата дека растечкиот јаз меѓу Соединетите Држави и нивните сојузници од една страна и Русија и Кина од друга страна веројатно дополнително ќе се прошири, Моди рече дека „мултилатерализмот денес е во криза“.

Блинкен, според забелешките објавени од Стејт департментот, поминал голем дел од своето време опишувајќи ги напорите на САД за зајакнување на безбедноста на енергијата и храната. Но, тој им рече на министрите дека војната на Русија со Украина не може да помине без предизвик.

„Мораме да продолжиме да ја повикуваме Русија да ја прекине својата агресивна војна и да се повлече од Украина заради меѓународниот мир и економската стабилност“, рече Блинкен. Тој истакна дека 141 земја гласале за осуда на Русија во Обединетите нации на годишнината од инвазијата. Сепак, неколку членки на Г-20, вклучувајќи ги Индија, Кина и Јужна Африка, избраа да се воздржат од гласањето.