Русите напредуваат кон исток, Украинците го бранат Бахмут

Локалните жители стојат во близина на запалена зграда по руски воен напад во градот Касив Јар, регионот Донецк, Украина, на 28 февруари 2023 година

Украинските сили и денеска успеваат да ги задржат своите позиции во разурнатиот источен град Бахмут. Градот е под постојан напад на руските војници кои сакаат да ја постигнат својата прва голема победа по повеќе од половина година.

Самиот Бахмут беше уништен, а таму живеат само неколку илјади од неговото цивилно население кое пред војната броеше 70 000.

Руските трупи, потпомогнати од стотици илјади резервисти повикани минатата година, напредуваат северно и јужно од градот, обидувајќи се да ги пресечат преостанатите правци кон запад што ги користи украинскиот гарнизон.

Москва, која загуби територија во втората половина на 2022 година, вели дека преземањето на Бахмут би било чекор кон заземање на остатокот од околниот регион Донбас, што е сега главната цел на Москва.

Видете и ова: Борбите за Бахмут во Донецк се интензивираат

Киев вели дека градот има ограничена стратешка вредност, но е решен да го држи што е можно подолго за да ги истроши руските сили.

„Порано или подоцна, веројатно ќе треба да го напуштиме Бахмут. Нема смисла да се држиме за него по секоја цена“, рече членот на украинскиот парламент Серхи Рахманин доцна синоќа.

Во текот на ноќта руски ракети паднале во петкатница во градот Запорожје на југот на земјата, а средината на зградата се урнала. Полицијата соопшти дека загинале најмалку три лица, четворица се ранети, а 11 се спасени.

Меѓународен тим на истражители за воени злосторства во четвртокот изјави дека Русија финансирала и управувала со мрежа од најмалку 20 објекти за мачење за време на нејзината осуммесечна окупација на Херсон, која минатата година беше вратена од украинските сили.

Целта на Русија беше „да ги потчини, превоспита или убие украинските граѓански лидери и дисиденти“, соопшти тимот.

Москва негираше дека злоупотребувала цивили на окупираните територии и намерно ги таргетирала во нападите. Кремљ не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.