Курти и Вучиќ на одвоени средби со европски претставници во Брисел

Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со европслиот комесар за надворешна политика Жозеп Борел во Брисел

Во Брисел, во тек е средбата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел и со специјалниот европски претставник за дијалог, Мирослав Лајчак.

Двајцата европски претставници претходно се сретнаа со косовскиот премиер Албин Курти. Заедничката средба меѓу Вучиќ и Курти се очекува да започне по 17 часот и да трае до доцните часови.

„Колку подолго трае состанокот, толку се поголеми шансите за успешно завршување“, изјави неименуван претставник на ЕУ запознаен со процесот за Балканскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Очекувања од средбата Вучиќ - Курти во Брисел


Денешната средба меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти е најважниот момент во процесот на нормализација на односите во последните десет години.

Се очекува лидерите на средбата на 27 февруари пред посредниците на Европската унија да потврдат дека го прифаќаат европскиот план.

Ова би бил втор договор на страните во дијалогот, по бриселскиот договор постигнат во април 2013 година.