Францускиот документарен филм „На Адамант“ во режија на Николас Филибер е прогласен за најдобар филм на овогодинешниот Меѓународен филмски фестивал во Берлин.
„На Адамант“, е документарец за пловечки дневен центар на Сена во Париз за луѓе со психијатриски проблеми.
„Тоа што документарниот филм се наградува и слави длабоко ме трогна“, рече Филибер откако седумчленото жири на чело со американската актерка, сценарист и режисерка Кристен Стјуарт му ја додели престижната награда, пренесува АП.
Режисерот изјавил дека во филмот се обидел да ја „преврти сликата“ која луѓето ја имаат за луѓето со ментални болести и да им овозможи на гледачите да видат „што не обединува над сите наши разлики“.
„Како што сите знаеме, најлудите луѓе не се онакви какви што мислиме дека се“, додаде Филиберт.
АП потсетува дека 73. Берлинале започна со обраќање на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој побара од уметниците и филмаџиите недвосмислено да ја изразат својата поддршка за неговата земја во обид да се одбрани од руската инвазија.
Зеленски, поранешен комичар и актер, беше прикажан во филмот на Шон Пен „Супермоќ“, за војната во Украина, кој ја имаше својата светска премиера во Берлин.