Деветнаесет години од смртта на претседателот Борис Трајковски

Сопругата на Борис Трајковски, Вилма Трајковска положува цвеќе на гробот во Бутел, Скопје 26 февруари 2023

Со положување на цвеќе од страна на државниот врв и од Собраниската делегација, денеска ќе се одбележи деветнаесет годишнината од авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател, Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот.

Во Бутел во Скопје на гробот на поранешниот претседател Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, како и делегација на кабинетот на Претседателот на Северна Македонија предводена од претседателот Стево Пендаровски. На гробот во Бутел цвеќе ќе положи и делегацијата на Владата на Република Северна Македонија и делегација на Собранието.

Во Струмица на споменикот на поранешниот претседател Трајковски ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе делегација од Владата на Северна Македонија предводена од министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и директорот на Бирото за јавни набавки Борче Хаџиев.

Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина на спомен обележјето каде што се случи авионската несреќа, ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе владина делегација предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претставници од кабинетот на претседателот Пендаровски. Како што е најавено, во Ротимље ќе присуствуваат и високи претставници од Босна и Херцеговина.

Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар.