Глобалната работна група за финансиски криминал (ФАТФ) го суспендираше членството на Русија, велејќи дека војната на Москва во Украина ги прекршила принципите на организацијата.
ФАТФ е меѓувладина организација основана за следење и борба против перење пари и финансирање тероризам преку поставување на глобални стандарди и проверка дали земјите се усогласени со нив.
„Ова е првпат членка на ФАТФ да биде суспендирана“, изјави претседателот на ФАТФ Раџа Кумар на прес-конференција, пренесува Ројтерс.
Украина, која постојано бараше Русија да биде исклучена од организацијата, ја поздрави одлуката за суспендирање на Русија, но додаде дека ќе продолжи да работи со членките на ФАТФ за да ја стави Русија на црната листа.
„Тоа не е доволно, но е важен чекор во вистинската насока“, изјави украинскиот министер за финансии Серхи Марченко.
Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, ја коментираше одлуката како „опасен чекор“ што ќе ги загрози глобалните напори во борбата против перењето пари, финансирањето на тероризмот и ширењето на оружјето за масовно уништување, објави државната новинска агенција Тасс.
Иако е суспендирана, Русија останува членка на ФАТФ, а главните последици од одлуката ќе бидат тоа што на Русија ќе и биде забрането да присуствува на состаноци и да пристапува до документи, соопшти групата, чие седиште е во Париз.
„Руската Федерација останува одговорна за својата обврска да ги спроведе стандардите на ФАТФ и мора да продолжи да ги исполнува своите финансиски обврски“, рекоа тие, истакнувајќи дека дејствијата на Руската Федерација се неприфатливи и спротивни на основните принципи на ФАТФ, кои имаат за цел да промовираат безбедноста, заштитата и интегритетот на глобалниот финансиски систем.
ФАТФ, исто така, ги додаде Јужна Африка и Нигерија на својата „сива листа“ на земји под специјален надзор за спроведување на стандардите за спречување на перење пари и финансирање тероризам, но го отстрани и Мароко од листата.