Украинците во Македонија одбележаа една година од Руската инвазија врз Украина

Здружението на Украинци во Македонија, „Лесја Украинка“, денеска одржа митинг на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, по повод годишнината од почетокот на руската инвазија врз Украина.

„Денеска ние, Украинците, одбележуваме 365 дена од воената инвазија од руската империја врз Украина. Никогаш не очекувавме дека во 21 век некој ќе сака да војува за туѓи територии, но добивме голема поддршка од сите држави. Благодарност до Македонците што уште од првите денови ни пружија голема помош, во време кога ни беше најнеопходна“, изјавија од Здружението.

Учесници во митингот со украински знамиња и со транспаренти бараа осуда за политиката на рускиот претседател Владимир Путин и мир и слобода за Украина.

Како што информираа од Здружението, во Македонија од почетокот на инвазијата врз Укрина до сега се наоѓаат околу шест илјади украински семејства. Голем дел од нив престојуваат со лични карти од хуманитарни причини, кои овозможуваат само престој во државата, но не и лекување или вработување. Во моментот, во Македонија претстојуваат околу 400 бегалци од војната во Украина.