Латас и Лазаров добија забрана за јавен настап, а Латас остана и без пасош

Драган Павловиќ Латас

Основниот кривичен суд Скопје им одреди мерки за претпазливост на
новинарот Драган Павловиќ Латас и на јутуберот Стефан Лазаров во врска со обвинителниот предлог за кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.

Двајцата добија забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал, а на Латас привремено му е одземен и пасошот, се наведува во денешното соопштение од Основниот кривичен суд Скопје.

Видете и ова: Поднесено обвинение против Латас и Лазаров за ширење расистички и ксенофобичен материјал

Оттаму посочуваат дека против ова решение странките имаат право на жалба во рок од три дена по приемот до Апелациониот суд Скопје.

Латас, гостувајќи во интервју како поткаст на Јутјуб каналот на Лазаров, објавено на 14 февруари, говореше за неговото сексуално искуство во тинејџерските денови со девојка притоа промовирајќи насилничко однесување. Интервјуто покрена низа реакции во јавноста, а Основното јавно обвинителство оформи предмет.