Шпанскиот премиер Педро Санчез пристигна во Украина за да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во пресрет на годишнината од руската инвазија, соопшти кабинетот на Санчез на 23 февруари.
По пристигнувањето во Киев, Санчез беше примен од заменик министерот за надворешни работи на Украина, украинскиот амбасадор во Мадрид и шпанскиот амбасадор во Украина, се додава во соопштението од неговиот кабинет.
„Денес се враќам во Киев, една година од почетокот на војната“, напиша Санчез на Твитер со видео на кое излегува од возот во главниот град на Украина.
„Ќе бидеме со Украина и нејзиниот народ додека не се врати мирот во Европа“, напиша тој на шпански и на украински јазик.
Ова е негова втора посета на Киев од почетокот на војната на 24 февруари 2022 година, соопшти неговиот кабинет.
Посетата на Санчез доаѓа откако американскиот претседател Џо Бајден вети нова воена помош за Украина во вредност од 500 милиони долари за време на ненадејната посета на Киев на 20 февруари.
Во средата, министерката за одбрана Маргарита Роблес потврди дека Шпанија ќе испрати шест свои тенкови Леопард од германско производство за да ја зајакне борбата на Украина против Русија.