Американскиот претседател Џо Бајден, денеска изјави дека НАТО е посилен од кога било, за време на посетата на Полска пред првата годишнина од руската инвазија на Украина.
Бајден во текот на состанокот со својот полски колега, Анджеј Дуда, го опиша НАТО како „можеби најпостојаниот сојуз во историјата“, истакнувајќи дека е посилен од било кога, и покрај надежта од рускиот претседател Владимир Путин дека ќе се распадне заради војната во Украина.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Бајден во Варшава на средба со полскиот претседател Дуда
Тој ја потврди заложбата на Соединетите држави кон европската безбедност.
„Ние мора да имаме безбедност во Европа“, рече Бајден во претседателската палата во Варшава.
Поддршката на Соединетите држави на Украина останува силна, додаде американскиот претседател.
Како што изјави пак полскиот претседател Дуда, посетата на Бајден на Полска е важен знак на посветеноста за зачувување на безбедноста во Европа
„Вашата посета е важен знак за безбедноста, сигнал за одговорноста на САД за безбедноста на светот и Европа. Америка може да го зачува светскиот поредок“, рече Дуда за време на состанокот со Бајден во Варшава.
Бајден денеска ја започна дводневната посета на Полска, а вчера беше во ненајавена посета на Украина во пресрет на 24 февруари, кога е годишнината од почетокот на рускиот напад врз земјата.