Дојави за бомби во школи во Скопје и Прилеп

Полиција пред скопската гимназија Јосип Броз поради дојава за бомба, Скопје.

Полицијата спроведува безбедносни проверки во осум училишта во Скопје и во две во Прилеп, откако утрово на нивните електронски адреси пристигнале закани за поставена експлозивна направа.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, се наведува во соопштението на МВР.

Според извори на МИА, меѓу скопските училишта каде се врши безбедносно евакуирање се гимназиите „Јосип Броз Тито“ и „Никола Карев“ и Електротехничкото средно училиште „Михајло Пупин“.

Видете и ова: Лажни се дојавите за бомби во училиштата

Инаку, лажните дојави се испраќаат од месец октомври, и таргетираат главно училишта, но не се исклучени и трговски центри, станбени згради, стратешки објекти како Железница, Аеродромот, владини институции. Од министерството за внатрешни работи велат дека се работи за хибридна војна, а на испраќачите тешко им се влегува во траг.

Во неколку наврати имаше приведени, меѓу нив и малолетници, кои се сомничат дека праќале вакви мејлови.