Макрон сака да ја види Русија поразена во војната со Украина, но не и скршена

ФРАНЦИЈА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски и францускиот претседател Емануел Макрон се ракуваат за време на заедничката изјава со германскиот канцелар Олаф Шолц, во Елисејската палата во Париз, 8 февруари 2023 година

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека не сака да ја види Русија уништена од поразот во Украина. Макрон ги повика западните земји да ја зголемат воената поддршка за Киев и рече дека е подготвен за долготрајна војна.

„Сакам Русија да биде поразена во Украина и сакам Украина да може да ја одбрани својата позиција“, рече тој. Но, тој не мисли дека Русија треба да биде нападната на нејзино тло, како што некои сугерираат во обид да ја „скршат“ нацијата.

Изјавата на Макрон дојде во време кога светските лидери на Минхенската безбедносна конференција, ветија дека ќе ја забрзаат испораката на оружје за Киев и ќе воведат построги санкции кон Москва.

„Не мислам, како некои луѓе, дека треба да се стремиме кон целосен пораз на Русија со напад на Русија на нејзино тло“, изјави Макрон. „Тие сакаат, пред сè, да ја уништат Русија. Тоа никогаш не било ставот на Франција и никогаш нема да биде наша позиција“, рече тој.

Видете и ова: Членови на екстремно десничарската група „Ле Баржол“ осудени за заговор против Макрон

Говорејќи на конференцијата во Минхен во петокот, Макрон инсистираше на тоа дека сега не е време за дијалог со Москва. Сепак, тој не избегна да ги спомене мировните преговори како крајна цел.

Макрон посочи дека украинските воени напори, поддржани од сојузниците, се единствениот начин да се „врати Русија на маса и да се изгради траен мир“. Тој, исто така, ја отфрли можноста за промена на режимот во Русија, опишувајќи слични напори ширум светот како „тотален неуспех“.