Харис: Русија изврши „злосторства против човештвото“ во Украина

Камала Харис - Потпретседател на САД

САД утврдија дека Русија извршила „злосторства против човештвото“ во својата неиспровоцирана војна против Украина, ова денеска го изјави американската потпретседателка, Камала Харис. Таа во своето обраќање на Конференцијата за безбедност во Минхен рече дека руските сили извршиле „широки и системски“ напади врз цивилното население во Украина.

„САД формално утврдија дека Русија извршила злосторства против човештвото“, рече Харис, додавајќи дека дејствијата на руските сили се „напад врз нашата заедничка вредност и нашата заедничка човечност“.

Харис го наведе бомбардирањето на породилиштето во Мариупол, во кое загинаа три лица, меѓу кои и едно дете, како и докази за силувања, тортура и насилни депортации.

„Да се согласиме сите: во име на сите жртви, познати и непознати, правдата мора да биде задоволена“, порача Харис.

Видете и ова: Поддршката за Украина - главна тема на Минхенската конференција

Таа, исто така, додаде дека САД ќе ја поддржуваат Украина „колку што е потребно“.

На конференцијата за безбедност во Минхен учествуваат околу 40 шефови на држави и влади, како и политичари и безбедносни експерти од речиси 100 земји.

Војната во Украина е главна тема. Учесниците, исто така, ќе разговараат за далекусежните глобални влијанија на војната, од снабдувањето со енергија до цените на храната, а ќе се разговара и за други важни меѓународни прашања, особено за односите меѓу Западот и Кина.