Макрон побара од сојузниците да ја зголемат воената поддршка за Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ги повика сојузниците да ја зголемат воената поддршка за Украина за да и помогнат на земјата да ја спроведе неопходната контраофанзива против Русија.

„Апсолутно мораме да ја интензивираме нашата помош и напорите за да се помогне отпорот на украинскиот народ и неговата армија и да им помогнеме да започнат контраофанзива која сама по себе може да овозможи веродостојни преговори дефинирани од Украина, нејзините власти и нејзиниот народ. Подготвени сме за продолжен конфликт“, изјави Макрон на Минхенската безбедносната конференција.

Видете и ова: Зеленски: Украина нема да биде последната станица на Путин

Тој најави дека сака да организира „конференција за противвоздушна одбрана во Европа“ во Париз, на која ќе се разговара за индустриски, но и стратешки проблеми поврзани со оваа област.

„Мора да имаме сила и храброст да го обновиме дијалогот со Русија за да најдеме трајно решение. Сепак, јасно е дека сега не е време за дијалог“, заклучи Макрон.

Во Минхен се одржува безбедносна конференција, што е голем годишен глобален собир фокусиран на одбраната и дипломатијата. Водечки политичари, офицери и дипломати од целиот свет се собрани за да го анализираат европскиот безбедносен пејзаж што се промени со руската инвазија на Украина.