Дефинирани се законските измени за купување на лекот за цистична фиброза

Членовите на Асоцојацијата за цистична фиброза на протест пред Министертвото за здравство бараат државата да го набави лекот трикафта

Државата ќе може преку директни преговори со производителот на лекот Трикафта да ја набавува потребната терапија за пациентите кои боледуваат од цистична фиброза, соопштија попладнево од Владата.

„Членовите на работната група составена од стручни советници на премиерот, претставници на ФЗОРСМ, Министерството за здравство, од фармацевтската индустрија како и од Асоцијацијата за цистична фиброза, денеска ги дефинираа Предлог - законските одредби за набавка на сите лекови од овој тип, вклучително и лекот „Трикафта", се наведува во соопштението од Владата.

Видете и ова: Лекот Трикафта ќе биде испорачан за најмногу 30 дена, ветува Владата

Од Владата додаваат дека откако експертите на денешниот состанокот ги образложиле своите ставови во однос на Предлог – измените, брзо ги усогласиле предлог одредбите за законот за лекови и медицински средства и за законот за здравствено осигурување, со што се прецизира видот на постапката која треба да се спроведува, врз основа на склучени посебни договори за набавка на лекот, а со кои ќе се обезбедат поповолни цени.

Пациентите со цистична фиброза подолго време бараат да им биде обезбеден лекот Трикафта кој им е неопходен за болеста. По бројни протести и обиди за преговори државата да им ја обезбеди потребната терапија, пациентите со цистична фиброза и нивните поддржувачи изјавија дека не се задоволни затоа што не се набавува терапија за сите пациенти, туку само за најкритичните.

Критиките за односот на државата кон овие пациенти кулминираше кога пред неколку дена почина пациент со оваа ретка болест во Македонија, чекајќи државата да обезбеди лек.