Протестен марш на новинарите: Не се извинуваме за незгодните прашања

илустрација

Со протестен марш од Владата до Собранието Здружението на новинарите (ЗНМ)и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) одржуваат протестен марш за да го изразат незадоволството од нападите врз новинарите и снимателите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција и небезбедните услови во кои работат новинарите. Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски изјави дека е време да се смени ваквиот амбиент и да се случат промени.

„Работите тапкаат во место и се влошуваат. Владата создаде најголема редакција во земјава. Безбедноста на новинарите не е на ниво на кое треба да биде. Излегуваме на протест за да спречиме тендециите да ни се преточат во нешто пострашно. Еден колега го бркаа со секира, друг колега беше истепан, колешка беше навредувана, друга колешка добиваше смртни закани. Ова стана секојдневие. Ваквиот амбиент не сакаме да го градиме и сакаме да му кажеме стоп. Ова е вистинскиот момент да се чуе нашиот глас“, изјави Чадиковски.

Претседателот на ССНМ Павле Беловски рече дека е повеќе од итно треба да се донесат законски решенија кои се важни за правата на новинарите и за работата на медиумите и нивно доследно имплементирање.

„Сведоци сме на една атмосфера во која новинарите се сѐ повеќе шиканирани, навредувани, понижувани. Оваа ситуација мора да сопре. Нападите врз новинарите и медиумските работници се напад врз јавноста“, изјави Беловски.

Новинарите бараат јавните функционери и политичарите да ги почитуваат и нив и снимателите, тие исто така бараат да престане агресивниот државен пиар, поголема поддршка за локалните новинари и медиуми и почитување на работничките права на новинарите и медиумските работници како и безбедни услови за работа на новинарите и медиумските работници.