Конституиран Домот на народите на Парламентот на БиХ, претседателот е на црната листа на САД

Конститутивна седница на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ, 16 февруари 2023 година

Домот на народите, едно од двете тела на парламентот на Босна и Херцеговина, беше конститиуран денеска, со претседател кој е на црната листа на САД.

Никола Шпириќ, етнички Србин, беше санкциониран од Вашингтон во септември 2018 година, поради вмешаност во значителна корупција.

Негови заменици ќе бидат Кемал Адемовиќ, бошњачкиот претставник и Драган Човиќ, хрватскиот претставник.

Видете и ова: Европскиот парламент бара санкции за Додик, тој вели тоа е знак на слабост

Домот на народите се состои од 15 делегати, односно по пет делегати од трите конститутивни нации во БиХ - Бошњаците, Србите и Хрватите.

42-цата членови на второто парламентарно тело, Претставничкиот дом, положија заклетва на 1 декември.

Со конституирањето на Домот на народите на Босна и Херцеговина, заврши и процесот на формирање на државната власт, по општите избори во Босна и Херцеговина на 2 октомври 2022 година, на кои гласаа близу 51,5 отсто од избирачите.

Видете и ова: Руската инвазија врз Украина го зголеми интересот на ЕУ за Западниот Балкан

Граѓаните директно избраа членови на Претседателството на БиХ, пратеници во Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, два ентитетски парламенти, како и претставници во десет кантонални собранија.

Новото парламентарно мнозинство се состои од коалиција од осум партии, предводена од Социјалдемократската партија (СДП) на БиХ, чиј лидер е Нермин Никшиќ, и двете досегашни владејачки партии - Хрватската демократска заедница на БиХ, чиј претседател е Драган Човиќ, и Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), на чело со Милорад Додик.