Дојави за бомби во скопски и кумановски училишта

Илустративна фотографија

Министерството за внатрешни работи информираше дека денеска на електронските адреси на 18 училишта, од кои 16 во Скопје и две во Куманово, е стигната дојава за поставени експлозивни направи.

Дојавата била испратена и на приватните мејлови на девет професори во овие училишта.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Видете и ова:

МВР формира посебен штаб поради дојавите за бомби

Само по завршувањето на зимскиот распуст во училиштата, стигнаа десетина вакви дојави за бомби, што резултираа со евакуации и полициска проверка, по што беше утврдено дека се лажни.

Инаку, лажните дојави се испраќаат од месец октомври, и таргетираат главно училишта, но не се исклучени и трговски центри, станбени згради, стратешки објекти како Железница, Аеродромот, владини институции. Од министерството за внатрешни работи велат дека се работи за хибридна војна, а на испраќачите тешко им се влегува во траг.

Во неколку наврати имаше приведени, меѓу нив и малолетници, кои се сомничат дека праќале вакви мејлови.