Норвешките партии денеска го одобрија пакетот помош за Украина во вредност од 7,4 милијарди американски долари, кој ќе биде испорачан во период од пет години.
Сите партии во норвешкиот парламент, го поддржаа планот предложен од централно левичарската влада, освен партијата Родт, мала група екстремно левичарски пратеници. Планот предвидува цивилна и воена помош, меѓу 2023 и 2027 година.
Широкиот консензус значи дека средствата ќе продолжат да течат, без оглед на политичкиот состав на владата што ќе ја преземе власта по парламентарните избори закажани за 2025 година.
„Со ова, вие поставувате многу важен преседан за долгорочна финансиска поддршка за земја која ја брани својата независност и правото на секоја нација да живее во согласност со општо признатите меѓународни норми“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, во видео обраќање пред пратениците.
Мнозинството норвешки партии го одобрија и владиниот предлог за зголемување на помошта за земјите во развој кои се најпогодени од војната во Украина, пред се поради зголемените цени на храната.
По руската инвазија на Украина, Норвешка стана главен снабдувач на природен гас во Европа, и како резултат на тоа имаше корист од зголемувањето на цените – добивајќи ја етикетата на „воен профитер“ кај некои членови на јавноста.
„Тоа е идеја што категорично ја отфрлам“, изјави норвешкиот премиер Јонас Гар Стере за Франс прес, во интервју кон крајот на јануари.
Минатиот ноември, Европската комисија предложи пакет финансиска помош за Украина од 18 милијарди евра за 2023 година.