Бројот на загинати во земјотресите во Турција и Сирија се приближи до 42.000

Последици од разорниот земјотрес во Хатај, Турција, 14 февруари 2023 година

Бројот на луѓе загинати во разорните земјотреси на границата меѓу Турција и Сирија се приближи до 42.000, додека напорите за пребарување и спасување продолжуваат и по десет дена од потресите.

Само во Турција 36.187 луѓе загинаа во 11 провинции, соопшти денеска Турската агенција за управување со катастрофи (АФАД).

Заедно со луѓето кои загина во Сирија, вкупниот број стигна до 41.838 изгубени животи.

Видете и ова:

Се гине од импровизации во градежништвото

По првиот земјотрес со јачина од 7,8 степени кој ги погоди Турција и Сирија во раните утрински часови на 6 февруари, следеле над 3.800 последователни потреси, соопшти АФАД.

Само во Турција се оштетени над 50.000 згради. Повеќе од 100.000 луѓе се повредени, а околу 13.200 од нив сè уште се лекуваат во болница.

Најсмртоносните земјотреси во светот од изминатите 25 години

Турските и странските спасувачки тимови продолжија со напорите и покрај минималните шанси да се најдат преживеани.

Доцна во средата, 13-годишно момче беше извлечено од урнатините во Анктакја, главниот град на провинцијата Хатај, 228 часа по смртоносниот удар, соопшти градската служба за итни случаи во Истанбул.