Премиерката на Шкотска поднесе оставка

Шкотската премиерка Никола Старџен

Премиерката на Шкотска, Никола Старџен, по осум години на функција, денеска објави дека поднесува оставка, по критиките за нејзиниот обид да ги зголеми правата на трансродовите лица и нејзината стратегија за постигнување независност од Обединетото Кралство.

Старџен оставката ја најави на прес-конференција во нејзината официјална резиденција во Единбург, велејќи дека одлуката не е одговор на „последниот период на притисок“, но додаде дека е важно да се знае кога да се откаже.

„Знам во мојата глава и во моето срце дека времето е сега“, рече таа. „Вистинско време за мене, за мојата партија и за мојата земја.

Старџен рече дека планира да остане на функцијата додека партијата не избере нов лидер.

Видете и ова: Врховниот суд одлучи - Шкотска нема право на референдум за независност без одобрување од Лондон

Старџен стана лидер на Шкотската национална партија (СНП) по референдумот во 2014 година на кој 55 отсто од Шкотите гласаа „за“ останување во Обединетото Кралство, а 45 отсто се изјаснија „против“.

Старџен и нејзината партија се залагаа за ново гласање, тврдејќи дека британското напуштање на Европската унија ги промени основните правила, но Владата на Обединетото Кралство одби да дозволи втор референдум.

Шкотска е дел од Обединетото Кралство, но, како Велс и Северна Ирска, има своја полуавтономна влада со широки овластувања во некои области.