Дојави за бомби во 16 училишта во Скопје и четири во Прилеп

Архивска фотографија - Полицијата пред средно училиште во Скопје по лажна дојава за бомба

Во Министерството за внатрешни работи денеска до 14:40 часот било пријавено дека на електронските адреси на 16 училишта во Скопје и четири училишта во Прилеп е упатена закана за поставена експлозивна направа.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, соопштија од МВР.

Видете и ова: Уапсена скопјанка за лажна дојава за бомба во скопски училишта

Инаку дојави за бомби во Скопје имаше и претходните денови, на електронските адреси на училишта, но и неколку трговски центри, МРТВ и Транспортниот центар.

Вакви дојави првично почнаа да стигнуваат уште лани во октомври, прво во училишта, а потоа и во трговски центри, станбени згради но и стратешки објекти како МНР, Железница, Аеродромот. Проверките на полицијата во досегашните случаи покажаа дека се работело за лажни дојави.