Вархеји се извини за навредите кон европските претставници

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји се извини на Европскиот парламент (ЕП) за коментарите што ги кажа, навредувајќи ги европските претставници.

На дебатата за проширувањето што се одржа на 14 февруари во ЕП, додека неговиот микрофон се уште беше вклучен, Вархеји на својот мајчин унгарски јазик му се обрати на својот шеф на кабинет со прашањето: „ уште колку идиоти има“, што се однесуваше на бројот на претставници кои се пријавиле да му поставуваат прашања.

„Искрено жалам за недоразбирањето за мојата забелешка на пленарната седница на Европскиот парламент на 14 февруари 2023 година. Ова беше поврзано со приватен и тековен разговор на унгарски меѓу мене и мојот началник на кабинет за сосема поинаква работа, која беше преземена надвор од контекст. Се извинувам за секое недоразбирање во врска со тоа“, рече Вархеји.

Европски социјалдемократи, втората по големина група во Европскиот парламент пак, не е задоволна од објаснувањето на Вархеји.

„Такво флагрантно непочитување на Европскиот парламент не може да се толерира. Бараме извинување, а не да ги обвинуваме пратениците за недоразбирањето“, соопштија социјалдемократите од ЕП.

Видете и ова: Вархеји - Софија и Скопје да ги намалат тензиите, одговорните за инцидентите да се соочат со правдата

Во објавеното соопштение, еврокомесарот посочува дека целосно ги почитува сите институции на ЕУ, вклучително и Европскиот парламент и неговите почитувани членови.

„Останувам на располагање и во иднина за размена со Европскиот парламент за случувањата во областите на моето портфолио со целосно почитување на моите меѓуинституционални обврски и принципот на искрена соработка“, изјави тој.

Односите на Вархеји со Европскиот парламент се затегнати подолго време, особено по резолуцијата усвоена во јануари оваа година каде од Европската комисија се бара да започне независна и непристрасна истрага за тоа дали однесувањето и политиките што ги спроведува комесарот Вархеји претставуваат прекршување на Кодексот на однесување на членовите на Европската комисија и обврските на комесарот според Договорите на ЕУ. Европската комисија (ЕК) соопшти дека нема планови за покренување истрага за дејствијата на Вархеји.