Спасена жена во Турција која поминала 222 часа под урнатини

Земјотрес во Турција

Турската државна телевизија ТРТ објави дека 42-годишна жена била извлечена жива во провинцијата Кахраманмараш, по цели 222 часа поминати под урнатините. Потрагата на спасувачките тимови по преживеани по разорниот земјотрес во Турција и Сирија продолжува десетти ден, по ред.

„Тимовите ќе се погрижат сите луѓе да бидат извлечени од урнатините пред да започне отстранувањето на урнатините“, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека се уништени речиси 20.000 згради.

Катастрофалениот земјотрес ги погоди Турција и Сирија на 6 февруари. Севкупно, според досегашните податоци, повеќе од 41.000 луѓе загинале, над 1,6 милиони луѓе моментално престојуваат во засолништа во Турција, а уште 600.000 луѓе го напуштиле регионот или се евакуирани.

Турскиот град Нурдаг ќе биде целосно урнат и повторно изграден

Уапсени се и неколку изведувачи на објекти, а властите велат дека се борат и со провокации на Интернет. Турската полиција соопшти дека уапсила 78 лица поради создавање страв и паника со „споделување на провокативни објави“ за земјотресот на социјалните мрежи, а 20 од нив се во истражен затвор.

Генералната дирекција за безбедност на Турција објави дека идентификувала 613 лица кои објавувале провокативни натписи, а против 293 е покрената правна постапка, додека главниот обвинител наредил апсење на 78 од нив, пренесува Ројтерс.

Во октомври минатата година, турскиот парламент донесе закон со кој новинарите и корисниците на социјалните мрежи ќе бидат осудени на три години затвор за ширење дезинформации.