Кина најави мерки за „субјекти од САД кои ѝ го поткопуваат суверенитетот“

Илустрација

Кина најави дека ќе преземе контрамерки против субјектите на Соединетите Американски Држави (САД) „кои го поткопуваат кинескиот суверенитет“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи. Портпаролот Ванг Венбин го изјави ова на 15 февруари, откако САД соборија кинески балон и соопштија дека ќе санкционираат шест компании поврзани со кинеската програма за балони за надзор, пренесува Ројтерс.

На 14 февруари, американската војска објави дека пронашла клучна електроника од кинески балон што беше соборен десет дена претходно од американски борбен авион во близина на брегот на Јужна Каролина. Ова, велат тие, вклучувало сензори кои најверојатно биле користени за собирање разузнавачки информации.

Видете и ова: Кина: САД испратиле повеќе од 10 балони над кинескиот воздушен простор

Кинескиот балон, за кој Пекинг негира дека е шпионска направа, летал седум дена над САД и Канада пред да се урне. Тоа ги затегна односите меѓу Вашингтон и Пекинг, а американската војска го пребарува небото за други објекти кои не биле регистрирани од радарите, што резултираше со три соборувања помеѓу минатиот петок и неделата.