Молдавија го отвори воздушниот простор по тричасовно затворање

Архивска фотографија: Аеродромот во Кишињев

Молдавија денеска повеќе од три часа го затвори својот воздушен простор поради безбедносни причини, соопштија властите во ек на тензии меѓу оваа поранешна советска република и Русија.

Претседателката на Молдавија Маја Санду вчера ја обвини Москва дека планира да ја собори нејзината влада, користејќи саботери од други држави како Србија, Црна Гора и Белорусија.

Воздушниот простор беше затвор во 10:24 часот по централноевропско време, а беше отворен во 13:47, за да се осигура „безбедност на цивилното воздухопловство“, соопшти молдавската Управа за цивилно воздухопловство.

Русија ги отфрли обвинувањата на претседателката Санду, која во повеќе наврати изразува загриженост за намерите на Москва кон нејзината држава од почетокот на руската инвазија врз Украина пред една година.

Молдавската влада сè уште не се огласи по овој повод.

Видете и ова: Санду го објави „рускиот план“ за дестабилизација на Молдавија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела рече дека неговата земја открила руски разузнавачки план за „уништување на Молдавија“. Неколку дена подоцна молдавската влада поднесе оставка.

Затворањето на воздушниот простор доаѓа во време на зголемени тензии меѓу двете советски републики додека Москва води војна во Украина, која се граничи со Молдавија.

Претседателката Санду вчера ја обвини Русија дека планира да употреби странски саботери за да го собори раководството на нејзината земја, да го запре придружувањето кон Европската унија и да го искористи тоа во војната против Украина.

Таа рече дека планот предвидува граѓани на Русија, Црна Гора, Србија и Белорусија да се обидат да предизвикаат протест во Молдавија и да се обидат да ја сменат легитимната влада со нелегална влада контролирана од Русија.